Македонија
3. April 2018 - 14:41

ИАБ Македонија усвои саморегулаторен етички кодекс на онлајн издавачите

Собранието на здружението за интерактивно огласување ИАБ Македонија едногласно усвои Саморегулаторен етички кодекс на добри професионални практики во дигиталното издаваштво на територијата на Република Македонија“ со кој се пропишуваат правилата за фер, етички и добри професионални практики на медиумските издавачи во врска со креирањето и објавувањето на содржини, производи и услуги кои ги нудат преку своите дигитални медиуми.

Од ИАБ посочуваат дека Кодексот е прв чекор во процесот на средување и зајакнување на дигиталниот пазар. Покрај останатите одредби, тој предвидува и посебни правила за преземање  содржини од други извори, заштита на податоците на корисниците, транспарентност на издавачите на дигиталните медиуми, продажба на реклами и комерцијални објави...

- Ова е значаен чекор кон исполнување на нашата цел за зголемување на кредибилитетот на онлајн медиумите, а со тоа и обемот на целокупниот огласувачки колач предвиден за домашните дигитални издавачи. Со Кодексот сакаме да направиме дистинкција на транспарентните и професионални дигитални издавачи и да им дадеме поголема вредност во целиот медиумски и огласувачки еко-систем, па оттаму ги повикуваме сите сериозни интернет-издавачи и тие што претендираат да бидат такви, да го прифатат Етичкиот кодекс на ИАБ, без разлика дали се или не се членови на здружението, изјави Борис Ефтимовски, претседателот на ИАБ Македонија.

Сите медиумски издавачи кои ќе го прифатат Кодексот ќе добијат специјален „ИАБ Беџ“ и ќе бидат внесени во посебна база на сајтот на ИАБ Македонија, со што на огласувачите и маркетинг-агенциите ќе им биде испратен сигнал кои медиумски издавачи ги почитуваат саморегулаторните етичките начела и се придржуваат кон фер практиките на делување. 

Здружението за интерактивно огласување ИАБ Македонија претставува водечка асоцијација за унапредување на дигиталниот пазар во Република Македонија, формирана од најголемите македонски дигитални медиуми, маркетинг-агенции и огласувачи. ИАБ Македонија фукнционира под лиценца на американскиот ИАБ со седиште во Њујорк.