Македонија
25. March 2019 - 16:31

И Заев и Мицкоски во борба за осумте исклучени пратеници - ќе има ли 2/3 мнозинство за СЈО?

Власта и опозицијата се тркаат кој ќе обезбеди повеќе пратеници на своја страна за новиот закон за јавно обвинителство и статусот на Специјалнотот јавно обивнителстфво.  Премиерот Зоран Заев денеска најави дека почнува преговори со помалите парламентарни групи за да обезбеди 2/3 мнозинство во парламентот откако опозициската ВМРО- ДПМНЕ тврдо застана зад своите позиции за овој закон.

Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак, денеска се сретнал со 8-темина пратеници од независната група Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ токму за ова прашање иако овие пратеници беа исклучени од партијата поради поддршката за уставните измени.

На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба, ставовите за реформските закони и идните предизвици за Македонија, велат од групата.

Од владејачката СДСМ потврдија дека веќе се остварени контакти со БЕСА и Алијансата на Албанците кои во парламентот располагаат со 4 пратеници.

Иако се брзаше со донесувањето на законот пред собраниската пауза од 1 април, премиерот Зоран Заев сега вели дека фиксни рокови нема.

Од БЕСА велат дека се разочарани од досегашната работа на СЈО, но ќе дадат поддршка ако власта даде гаранции дека нема да има селективна правда.

Преговорите со главната опозициска партија продолжуваат, но ВМРО-ДПМНЕ останува на своите барања без никакви отстапки.

Законот за јавно обвинителство до минатата недела беше во парламентот, денеска тој беше повлечен токму поради новите преговори.

Во меѓувреме на собраниска седница во среда за прегласување ставени се законите кои шефот на државата Ѓорѓе Иванов ги врати во парламентот поради тоа што се со новото име на државата. Собрнаиски избори велат дека Иванов ќе врати и законите кои ќе бидат донесени и до паузата, па за нив извесно е дека ќе има седница и кон средината на април.