Фудбал
1. јуни 2016 - 15:45

И во младински селекции подобри од Азербејџан

Репрезентацијата на Македонија до 19 години издвојува победа со 2:0 над врсниците од Азербејџан во рамките на првиот контролен натпревар одигран меѓу двете селекции на тренинг центарот „Петар Милошевски" во комплексот „Куќа на фудбалот".
 
Македонија одигра квалитетен натпревар, со многу борба и пожртвувана игра. Дуелот започна отворено, со многу трчање и наизменични напади пред двата гола. Како што одминуваше времето, избраниците на селекторот Јетон Несими играа се подобро, ја превземаа иницијативата и притиска се поопасно на полето на противникот. Најизгледната шанса за постигнување погодок за нашата репрезентација ја имаше Албан Сулејмани во 20. минута, кој биеше извонредно од свртување, но немаше среќа, пречката беше сојузник на гостинскиот голман. Фудбалерите на Азербејџан во 38. минута се заканија опасно преку Јафаров. Во нова добра прилика за Македонија се најде Милан Ристовски во 40. минута, но не се снајде најдобро во завршницата. Последната добра можност за гол ја имаше Елиф Елмас во последната минута од првиот дел. На полувреме се замина нерешено, без погодоци, но со многу неискористени ситуации, особено кај нашата репрезентација. 
 
Во продолжението од контролната пресметка, нашите млади фудбалери продолжија во истиот ритам, со напади по голот на противникот. Тоа резултираше со погодок во 47. минута од мечот, Елиф Елмас беше соборен во шеснаесетникот, главниот судија досуди пенал, а сигурен реализатор беше капитенот Давор Здравковски. Во 49. минута нов удар од белата точка за Македонија, овој пат одговорноста ја превзема Милан Ристовски кој погоди за 2:0, резултат кој беше конечен на овој натпревар. До крајот на средбата Азербејџан се обиде да се врати бо игра, но без поголем ефект.
 
КОНТРОЛЕН НАТПРЕВАР - РЕПРЕЗЕНТАЦИИ ДО 19 ГОДИНИ
 
МАКЕДОНИЈА - АЗЕРБЕЈЏАН 2:0 (0:0)
 
(1:0 Давор Здравковски 47`; 2:0 Милан Ристовски 49`)
 
МАКЕДОНИЈА: Ристо Јанков, Виктор Стојковски (Ване Јованов), Михаил Маневски (Агон Хани), Дарко Додевски (Филип Михаилов), Нехар Садики, Есмин Личина (Антонио Митрев), Емил Абаз (Дарко Додев), Елиф Елмас (Шефит Шефити), Милан Ристовски (Марио Крстовски), Давор Здравковски (к), Албан Сулејмани (Даниел Миловановиќ); Селектор: Јетон Несими