Македонија
1. October 2020 - 16:58

И во ек на пандемија деца учат во училишта со руинирани полски тоалети

И по еден месец од објавувањето на нашата сторија за катастрофалните услови во кои се наоѓаат тоалетите на основното училчиште „Лирија“, во селото Житоше, Општина Долнени, ситуацијата тука е буквално иста. Наликува како сцена од хорор филм. Среде пандемија, кога секој ден имаме по скоро 200 новозаразени лица од Ковид-19, ниту општината, ниту државата не се потрудиле тука да стават ниту една шајка. До чучњавците повторно не е спроведена вода, имаме испукани цевки на сите страни од кои постојано тече вода, таванот во секој момент може да падне врз децата кои го користат овој тоалет, а нема ниту соодветно место каде што тие може да мијат раце.

Тука сега се поставува прашањето како и покрај ваквите услови на тоалетите кои се на 20 метри од главната зграда ова училиште воопшто и добило дозвола од државата денеска да започне настава со физичко присуство на учениците до 3-то одделение. На првиот училишен ден учениците денеска само кратко беа присутни во училиштето. Иако на вратата има поставено средства за дезинфекција на раце, и повеќе постери со едукативна содржина не успеавме да добиеме одговор како воопшто ќе се одвива наставата во ова училиште зошто директорот практично не избрка од канцеларија кога побаравме одговор. Став за катастрофалната состојба во училиштето побаравме и во Општина Долнени, но и од таму не добивме одговор. 

И повторно поради само нив познати причини ниту еден родител не сакаше да даде изјава иако тука има околу 70 деца од 1 до 3 одделение. Свој коментар за состојбите даде само еден повратник од Швајцарија.

„Не треба тука да се доближат деца во училиштето, особено во ова време на пандемија. Епа сега овие така одлучиле нека одговараат.

,,Што ако се случи нешто, кој ќе одговара?

Како и секогаш во Македонија што сака нека биде никој не одговара за ништо“, вели Зеки Јусуфи, жител на село Житоше.

Останатите деца до 9-то одделениие во Житоше денеска требаше да имаат она лајн настава, но и тоа било проблем затоа што голем дел од нив не можеле да купат компјутери, ниту пак да седат со учениците да учат дома.

„Проблем е што тука луѓето имаат по 3-4 деца, на едно дете ако му набави лап топ, таблет или ајфон, на другите нема да може. Можеби 30% од населението има услови за он лајн ама другите 60-70% немаат никаки услови ниту финансии за тоа“, додава Јусуфи.

„Оваа корона завладеа и од што да му купиш компјутер, не можиш. И да му купиш родиителите треба да одат на работа. Треба да се работи тутун, земјоделие, и кој ќе го учи дома, никој. Детето нема само да учи“, вели Илмаз Ибровиќ, жител на село Житоше.

Дали ова училиште ќе продолжи со работа во вакви услови или конечно после повеќе години ќе се уредат тоалетите и државата ќе оддели средства засега останува непознато.