Македонија
16. јуни 2019 - 16:11

И викендов голем број сообраќајни несреќи, регистрирани камикази на автопатиштата

Возачи дивееле викендов во полупразниот главен град. Мотоциклист синоќа удрил во пешак и избегал. Со тешки телесни повреди се здобила 83 жена која е хоспитализирана во клиничкиот центар. Полицијата трага по возачот на мотоциклот. Пешаци настрадаа и од 19 годишен возач на автомобил кој удрил директно во нив. Настанот се случил во петокот навечер во населба Чаир. Пешаците со тешки повреди биле пренесени на клиника.

На социјалните мрежи објавени се видеа како мотоциклист вози со огромна брзина на булеварот Партизански одреди. На истиот булевар забележан е таксист како вози во спротивен правец.

Полицијата викендов казнила околу 650 возачи. Повеќе од 30 лица возеле под дејство на алкохол по што биле исклучени од сообраќај а им се одземени и возачките дозволи. За брзо возење казнети се 125 возачи . Останатите парични и прекршочни казни се поради други сообраќајни прекршоци.

Граѓаните се загрижени и за безбедноста на автопатиштата. На социјалните мрежи објавени се фотографии со предупредување дека автомобили со голема брзина се движат во спротивен правец на новата делница Скопје -  Штип. Вакви случаи беа пријавувани и во минатото  за делницата Скопје Велес. Од МВР велат дека се спроведуваат засилени сообраќајни контроли. И покрај ваквиот биланс, бројот на сообраќајки е намален за 10 проценти споредено со истиот период минатата година.