Македонија
23. јуни 2022 - 12:32

И по 8 години се уште не е изграден пензионерскиот дом во Штип

Домот за стари лица во Штип се уште го чека новиот Закон за легализација на дивоградби за да продолжи да се гради. 

Пред 8 години Здружението на пензионери од Штип и Карбинци инвестираа свои заштедени средства во висина од 500.000 евра во објект од 3000 метри квадратни, за сместување на 120 лица. 

Градбата стигна до карабина, парите се потрошија, а проектот заглави во административна процедура, зашто е во непосредна близина на штипската касарна. 

Пензионерите се разочарани од одолговлекувањето, бидејќи сметаат дека домовите за стари лица се повеќе од неопходни.

Локалната самоуправа учествуваше во инфраструктурно уредување и градбата ја ослободи од комунален надоместок, но овде завршија нејзините ингеренции.

Дали Штип ќе добие дом за стари лица или не, зависи од други околности, од централната власт и интересот на Здружението на пензионери во општина Штип, изјави Иван Јорданов градоначалник на Штип.

За финиширање и пуштање во употреба потребни се уште најмалку половина милион евра. Обидите за јавно приватно партнерство со бизнис секторот пропаднаа, па единствена опција им е помош од државата.