Бизнис
15. December 2021 - 8:19

И оризот, тестенините и јајцата се најдоа на листата на производи со замрзнати цени

Со одлука на Владата, покрај цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко, сирењето, урдата, свежото месо и сувомесните производи, од вчера се замрзнати и цените и на оризот, тестенините и јајцата.

И оваа нова одлука за замрзнување на цените е со важност до 31 јануари 2022 година.

Како што информира вчера министерот за економија Крешник Бектеши, на предлог на ресорното Министерство, Владата на вчерашната седница донела одлука за проширување на листата на производи за кои ќе важат цените кои се применувале на 1 декември 2021 година во трговијата на мало и на големо.

– Листата се проширува со три нови основни прехранбени производи: ориз, јајца и тестенини, напиша Бектеши на својот фејсбук-профил.

Целта на оваа одлука е да се превенираат евентуалните поскапувања на овие основни производи, кои исто како и другите основни прехранбени производи масовно се користат во исхраната на населението, да се спречи натамошно нарушувања на пазарот и да се отстранат штетните последици во поглед на снабдувањето на населението со основните прехранбени производи.

Со Одлуката се исклучени цените на привремените попусти кои важеле на 1 декември 2021 година.

Владата на 4 декември донесе одлука да се замрзнат цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата, нема да се менуваат до крајот на јануари. Замрзнувањето на цените важи во трговијата на мало и на големо.

Од Владата претходно најавија дека одлуката за определување највисоки цени на основни прехранбени производи, може да биде продолжена и по 31 јануари 2022 ако тоа и натаму го бара состојбата на пазарот.

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески минатата недела оцени дека одлуката

за замрзнување на цените на производите е задоцнета и доколку се сакало спроведување на замрзнувањето требало да се реагира побрзо.

– Сведоци бевме на рапиден раст на цените, коишто и претходно растеа на сите цени на овие производи коишто се сега замрзнати. Производите коишто сега се замрзнати непосредно беа значително зголемени и се согласувам со мислењата дека оваа мерка е задоцнета. Доколку се сакаше да се спроведе замрзнувањето на производи потребно беше да се реагира побрзо а не да се навестува, оцени Славески.

Тој нагласи дека како економист не може да се согласи „со една ваква непазарна мерка“, додавајќи дека таа несвојствена за држава што се стреми за почеток на преговори за членство во ЕУ, каде токму еден од критериумите е функционална пазарна економија.

Против замрзнувањето на цените се изјасни и Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија, која оцени дека мерката ќе ја наруши тешката состојба во која се наоѓаат претпријатијата и ќе предизвика дополнителни проблеми за граѓаните меѓу кои и ограничување на пристапот до основните животни намирници.

Според потпретседателот на Агро-бизнис комората Горан Георгиевски, за да има позитивен ефект одлуката за замрзнувањето на цените на одредени производи, потребно е таа да биде донесена во корелација со други мерки.

– Прво потребно е влезните инпути во сите компании да се стабилизираат, односно суровините и репроматеријалите конкретно во прехранбената индустрија да се овозможи да имаат соодветна минимална цена, смета Георгиевски.

Според претседателот на Агро-бизнис комора, Огнен Оровчанец, за долгорочно стабилизирање на пазарот на храна, треба да се имплементираат и долгорочни мерки, како што е формирање на една надлежна државна институција.

– Сега надлежностите се поделени меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како примарно, Министерството за економија во однос на економските мерки и политики и Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за здравство како надлежни за безбедноста. Но, секојдневната пракса покажува дека овие институции функционираат без меѓусебна поврзаност и координација, а при тоа никој не сноси одговорност за пропустите кои секојдневно се случуваат и од кои претпријатијата трпат штета, вели Оровчанец, додавајќи дека овие институции се ја префрлаат одговорноста една на друга, без при тоа да се најде решение за проблемите.

Затоа, според него, неопходно е да постои едно министерство за храна, кое ќе биде целосно надлежно за сите прашања поврзани со оваа проблематика.

– Така ќе имаме системски и инклузивен пристап во регулирање на оваа значајна област, кој на граѓаните ќе им гарантира пристап до квалитетни прехранбени производи по реални цени, рече Оровчанец.