Македонија
25. March 2019 - 16:53

И новиот Клинички ќе ги чека изборите, се уште не е најдена законска можност за побрза реализација

Дали претседателските избори ќе ги пролонгираат активностите за изградба на новиот клинички центар? Министерот за здравство е оптимист дека темелите ќе бидат удрени до крајот на годината, но засега не се знае ниту како ќе изгледа ниту пак кој ќе го гради медицинскиот комплекс во Веле Поле во Ѓорче Петров. Филипче најави дека ги разгледувале сите опции а во разговори биле и со Министерството за финансии за законски измени со кои би добиле пакет од готов проект и градба.

- Овој период ќе го користиме за да се припремиме, ги разгледуваме сите опции, гледаме и искуства од други земји. Искрено верувам дека имаме сериозни шанси темелите да бидат удрени до крајот на годината, вели Венко Филипче, министер за здравство.

До Министерството за здравство директори на здравствени установи веќе доставиле предлози што очекуваат да има дополнително во новиот клинички центар, во поглед на операциони сали, број на кревети и опрема.

Владата и здравствените власти изгубија повеќе од една година во барање на локација за новиот клинички центар. Според последната одлука, комплексот ќе биде на површина од 90 хектари и ќе чини околу 480 милиони евра.