Македонија
21. July 2022 - 12:18

И ноќеска опожарен автомобил во Прилеп

Нов случај на палење на автомобил утринава во Прилеп. Околу 2 часот после полноќ непознати сторители запалија возило „марка Пежо 206“ чии сопственици се брачен пар од кои едниот вработен во администацијата на Општина Прилеп, а другиот лекар во општата болница Прилеп. Вчера пак беше опожарен автомобилот на прилепскиот пратеник Петар Ристески од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, како и автомобилот на неговиот татко. Инаку за 2 недели ова е второ опожарување на автомобил вработен во прилепската локалната самоуправа. Пред 3 недели пак запален беше автомобилот на директорот на прилепски „Комуналец“, Рубин Абрашоски. За еден месец во Прилеп се запалени 5 возила.

Во денешното соопштение Од СВР Битола изјавија дека околу 01.00 часот на ул. „Киро Нацевски Фетак“ настанал пожар во патничко моторно возило „пежо“, со прилепски регистарски ознаки, сопственост на Н.Р. (65) од Прилеп. Пожарот бил изгаснат од страна на територијалната противпожарна единица Прилеп, а повредени лица нема. Увид извршила увидната екипа на ОВР Прилеп и моментално се работело на расчистување на случајот.

Инаку обвинителката Маријана Илиеска денеска телефонски ни изјави дека лицето кое вчера беше лишено од слобода под сомнение дека е сторителот на пожарот на автомобилот на пратеникот Ристески денеска заработило 8 дневен притвор. но не за делото потпалувавањето туку за делото спречување службено лице при вршење на службено дејство, бидејќи кога бил однесен во полициската станица и му бил побаран мобилниот телефон тој го скршил, а телефонот се водел како доказен материјал.

Вчера пак околу 23 часот е лишено од слобода уште едно лице за кое се има сомненија дека можеби има информации со запалувањето на автомобилот на пратеникот Ристески. Лицето моментално е во ПС Прилеп.

Инаку повеќе месеци наназад Советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп како и градоначалникот на Прилеп обвинуваат дека Прилеп се претвора во крајно небезбеден град, со чести тепачки, грабежи и запалени автомобили. И токму поради тоа бараат смена на командирот на ПС Прилел.

Од МВР ги демантираат овие наводи и велат дека сите случаи на тепачки и грабежи биле експресно разрешени. Но мистерија останува кој и зошто ги потпалува автомобилите во Прилеп.

Од Општина Прилеп денеска преку соопштение повторно побараа под итно да се стави крај на ваквите немили сцени кои влеваат страв и несигурност кај граѓаните, а МВР и ОВР Прилеп да понеселе одговорност и да најдат начин да превенираат во зачувувањето на редот и мирот во градот.

Од вчера во Прилеп евидентно е зголемено полициско присуство на полициски службеници од Скопје и припадници на дел од полициските единици.

Во текот на денот се очекуваат повеќе информации за овие настани, но и реакции на органите.