Македонија
15. September 2019 - 16:44

И министерот за здравство Венко Филипче ќе оди на протестот против насилството врз медицинарите

И Филипче ќе протестира во среда против насилство врз здравствените работници. Министерот за здравство позитивно одговори на поканата од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари кои се и организатори на едночасовниот протест во кругот на Клинички за да се стави крај на нападите врз медицинарите.

-Со дел од младите лекари се сретнав во текот на вчерашниот ден, јас верувам дека со останатиот дел од нивните претставници ќе се сретнам денеска зошто се повеќе здруженија и потврдив  дека ќе присуствувам, меѓутоа ние преземавме низа мерки. Имавме средба во министерството за внатрешни работи, ќе ангажираме професионално обезбедување и патролна служба од полицијата околу старата градска болница, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Иницијаторите на протестот велат дека не биле поканети на средбата со министерот кога биле предложени мерките. Од АСМЛ сметаат дека со професионално обезбедување нема целосно да се реши проблемот зошто речиси во сите напади имало обезбедување.

-Сметаме дека Клинички центар и другите поголеми болници заслужуваат третирање со оглед на сериозноста и значењето кое го имаат како и секоја друга странска амбасада, така да сметаме дека полициско присуство е обавезително, односно е нешто кое што е задолжително за таков вид на круцијален објект, изјави д-р Божидар Кочоски, од асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

Од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари сметаат дека зачестените напади врз белиот мантил биле резултат на таложењето на незадоволството од функционирањето на здравствениот систем и за лекарите и за пациентите и тоа прераснувало во насилство. Затоа бараат поефикасно и долгорочно решение со кое ќе престане тепањето на медицинскиот кадар.