Македонија
5. March 2016 - 16:20

И Меѓународната заедница бара од Јанева да не постапува политички

Меѓународната заедница вчера испрати јасна порака до Катица Јанева: да работи независно и да не постапува политички. Во изјава за медиумите, заменик помошникот државен секретар на САД, Хојт Ји побара институциите да соработуваа со Специјалното обвинителство, чија работа мора да биде  без политичка позадина.

„Сметаме дека е многу важно сите институции, Владата и политичките партии да соработуваат со работата на Специјалната обвинителка и нејзината работа да биде неполитичка и независна што е можно повеќе“ изјави Хојт Ји.

По оваа порака, на прашање на Сител кога обвинителството на Јанева ќе постапи според насоките на меѓународната заедница, да не работи политички, Специјалното обвинителство се правда и уверува дека работи согласно законите.

Како што до сега во повеќе наврати сме појасниле, ова Јавно обвинителство е независна и професионална институција и наш единствен фокус е борбата против криминалот. Во оваа насока ја уверуваме јавноста дека сето постапување на ова Јавно обвинителство е во рамки на законските прописи и нашата мисија е истражување на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со цел спроведување на правдата преку принципот на владеење на правото, се вели во одговорот од Специјалното обвинителство.

Ваквите реакции од меѓународната заедница следат по низата акции со кои Јанева изминативе месеци наместо во корист на граѓаните кои ја плаќаат, работи единствено како продолжена рака на Заев и СДСМ.  Благодарение на Јанева веќе неколку месеци не може да започне судскиот процес Пуч. Рочиштата најпрво се одложуваа бидејќи таа не беше подготвена да го брани обвинението, а тоа нема да се промени ниту во следните месеци бидејќи специјалната обвинителка мора да ја подготвува свадбата на својата ќерка, а потоа, да ги прославува велигденските празници. Бурни реакции во јавноста предизвика и нејзината прва одлука во улога на специјана обвинителка, да го ослободи од притвор, и првоосмичениот во Пуч, Зоран Верушевски. Без успех помина и  нејзината прва акција Титаник, во кои се осомничени осум лица за наводни изборни нерегуларности. Кривичниот суд ги одби барањата за притвор со објаснување дека Специјалното обвинителство не поседува никакви докази за овој случај. Но, и овој не беше изненадување, особено откако Зоран Заев и јавно пред граѓаните во Капиштец ја најави акцијата со која специјалното обвинителство ќе испорача барања за притвори кои ќе влијаат и врз изборите.   

Сите овие постапки во јавноста ја отворија дилемата:  дали единствената мисија на Катица Јанева е да го ослободи Заев од обвиненијата за сериозни криминали.