Македонија
14. March 2019 - 16:38

И Малиот битолски Монмартар незадоволен од распределбата на парите од министерството за култура

Малиот битолски монмартр оваа година од Министерството за култура ќе добие само 100.000 денари, иако побарале 1.800.000 денари. Минатата година им беа доделени 400.000 денари. Раководителот  на Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ од Битола, Коста Хаџиантоновски вели дека е разочаран што брендот на Битола кој е познат насекаде во светот, кај нас не е ценет. Годинава пристигнале и рекорден број цртежи, над 15 000 цртежи од 34 земји.

-Дали е можно Малиот битолски монмартр да постигнува рекордни успеси и кога на 5 олимпијади добива најголеми признанија за творбите кои пристигнуваат, дали е можно една ваква изложба да ја негира некој, вели Коста Хаџиантоновски, Мал битолски Монмартар.

Се негира и трудот на децата, вели Хаџиантоновски.

-Кога може една екипа, еден ученик од Хонг Конг да троши 100.000 денари за да дојде во Битола,колку што доделува Министерството, може да заклучите каков е начинот, жирирањето, дали малку ги негираат децата. Не смеат така да се однесуваат кон младите герерации. Но кога ги гледам овие цртежи, ова богатство, дали може да пропадне, дали може некој да ја уништи оваа манифестација. Малечките деца кои доаѓаат овде во студиото од петтата година, велат чичко Коста не се секирај, Малиот битолски монмартр ќе се одржи, вели Хаџиантоновски.

За тоа колку се ценети во светот, Хаџиантоновски вели дека докажува поканата за учество на биеналето во Хонг Конг каде се поканети да учествуваат најдобрите поединци на годинешниот Мал битолски Монмартар.