Македонија
8. April 2021 - 16:46

И лице од италијанската мафија добило легален македонски пасош со лажен идентитет?

Дали македонски пасош издаден од МВР раководено од Спасовски и Заев има и еден од главните соработници на италијанската мафија? Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со нови имиња од аферата Мафија за криминалци кои добивале наши документи.

Според информации на партијата добиени од свиркачи, македонски пасош добил и Халид Иса Хмаис, главен перач на пари од трговијата со кокаин на италијанската нарко мафија. Тој, велат од ВМРО-ДПМНЕ, на 09 јануари 2019 година во регуларна постапка  се сликал во управните служби на МВР и добил пасош на име со украден идентитет на Македонец од Корча, Вурмо Таќо роден 1965 година.

 „Дали е ова вистина или како што нарекуваат од СДСМ само перцепција? Валид од 2017-та година е во бегство во повеќе држави во светот, а по добивање на македонскиот пасош на име Таќо Вурмо, два пати во месец јануари 2019-та година го искористил македонскиот пасош и преку аеродром Петровец заминал за Турција. Според последните информации објавени во италијанските медиуми наводно се наоѓа на островската држава Маврвициус. Македонија станала Колумбија на Балканот. Не смее оваа афера да заврши со одговорност само на службеници. За аферата „Мафија“ морале да знаат и одговорните лица во МВР и Владата.“

Според премиерот Заев пак, одговорноста не може да биде кај министерот Спасовски или кај некого од Владата особено затоа што, според него, истрагата на МВР била успешна и навремена.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред три дена ја објави аферата според која легални пасоши со украдени или лажни идентитети добиле над 200  криминалци, меѓу кои и водачи на црногорско – српскиот Шкаљарски клан, на турската мафија, на албански нарко картели. МВР пак, ден подоцна спроведе акција „Двојник“ во која осомничи и уапси службеници на МВР под сомнение дека ги издавале документите. СДСМ пак, денеска побара истрага за тоа кој е интересот на ВМРО-ДПМНЕ што се обиде да ја саботира полициската акција.