Фудбал
8. јуни 2018 - 12:12

И Конте не сака во Реал?!

Менаџерот на Челси, Антонио Конте, ја одбил понудата на Реал Мадрид да го наследи Зинедин Зидан на тренерската функција. Конте сакал да го одработи својот договор со Челси, објави „Скај спорт“.

Претходно и весникот „Марка“ излезе со тврдења дека Реал ќе се обиде да го донесе Конте кога тој имаше неуспешна сезона со Челси.

Челниците на Реал го контактирале Италијанецот во средата, но тој ја одбил понудата од неколку причини.

Една од причините е и таа што доколку добие отказ, Челси ќе мора на Конте да му плати 10 милиони евра. Во моментов, сопственикот на клубот, преговара со неколку тренери и Конте го следи развојот на настаните.

Исто така, тој сметал дека работните навики на ѕвездите на Реал не се поклопуваат со неговиот тренерски пристап.

Реал, најверојатно, сега ќе бара решение во сопствените редови, односно меѓу поранешните играчи на клубот. Медиумите шпекулираат со имињата на Гути, Фернандо Јеро и Мичел, а не ја исклучуваат можноста во комбинација да влезе и Маурицио Сари.