Свет
6. November 2021 - 8:25

И Фајзер со таблета против Ковид-19

Американската фармацевтска компанија Фајзер вчера информира дека нејзината антивирусна таблета против Ковид-19 ја намалува стапката на хоспитализација и смртност за 89 отсто и бара нејзино итно одобрување.

Фајзер ги објави прелиминарните резултати од неговата студија, која беше спроведена на 775 возрасни лица. Пациентите кои го земале лекот Паксловид заедно со друг антивирусен лек имале 89 отсто намалување на комбинираната хоспитализација или стапката на смртност по еден месец.

Помалку од еден процент од пациентите кои го земале лекот биле хоспитализирани, а ниту еден од учесниците во студијата не починал.

– Ретко е да се види лек, кој е 90 отсто ефикасен и кој сто отсто штити од смрт, изјави научникот Мајкл Долстен.

Антивирусниот лек, кој се зема орално, во случај ја добие дозвола, има потенцијал „да спасува животи на пациенти, да ја намали сериозноста на болеста и да спречи девет од десет хоспитализации”, информираа претставници на Фајзер.

Компанијата планира што е можно побрзо да ги достави резултатите од студијата до Американската агенција за лекови ФДА.

Кусо по објавените резултати од студијата, американскиот претседател Џозеф Бајден соопшти дека САД обезбедиле милиони дози од експерименталната антивирусна таблета на Фајзер за лекување на Ковид-19.

– Ако ФДА ги одобри, наскоро би можеле да имаме таблети кои го лекуваат вирусот кај заразените, рече Бајден и додаде дека САД веќе обезбедиле милиони дози.

– Терапијата би била уште едно средство во нашата кутија со алатки за заштита на луѓето од најлошите исходи на ковид, истакна Бајден.

Според Би-Би-Си, и Велика Британија веќе нарачала 250.000 дози од новиот лек на Фајзер, кој сè уште не е одобрен, заедно со уште 480.000 дози на таблетата на MSD Молнупиравир.

Велика Британија прва во светот во четвртокот го одобри апчето Молнупиравир против Ковид-19.

Британската агенција за лекови МХРА завчера првпат даде дозвола за апче против Ковид-19. Антивирусниот лек Лагеврио (познат и под името Молнупиравир) е сигурен и ефикасен за намалување на ризикот од хоспитализација и смртни случаи кај пациентите со Ковид-19 кои имаат умерен и средно тежок облик на болеста, се вели во соопштение на британската Влада.

Лагеврио е прво во светот антивирусно средство против Ковид-19 кое има добиено дозвола, а се зема орално. Европската агенција за лекови ЕМА на крајот на октомври најави дека ќе ја проверува употребата на Молнупиравир. ЕМА врши проверка и на седум други лекови против коронавирусот.