Македонија
20. July 2021 - 21:27

И ДУИ и БЕСА очекуваат поддршка од СДСМ на локалните избори - најавена средба Заев-Ахмети

И ДУИ и БЕСА, двете албански партии во власта ја очекуваат поддршката на СДСМ за локалните избори во клучните општини за нив. И двете партии на есен најавуваат дека ќе имаат самостојни настапи и доколку не ја добијат очекуваната поддршка од социјалдемократите тоа може да се одрази на нивниот однос во владината коалиција, неофицијално брифираат од партиите.  Клучна ќе биде средбата Заев – Ахмети која се најавува до крајот на неделата

Ваквите реакции стигнуваат само неколку часа откако премиерот Зоран Заев најави дека се уште нема одлука кого СДСМ од своите албанските партнери би поддржала во неколку општини.

Први реагираат од БЕСА. Од таму неофiцијално потсетуваат дека коалицискиот договор Заев-Касами се уште е на сила, особено затоа што на локалните избори во игра е политичката кариера на лидерот  Касами кој извесно е дека ќе се кандидира за градоначaлник во Тетово.

„Разбирливо е што Заев е внимателен во изјавите за поддршката кон ДУИ, но доколку неговата одлука за локалните избори е на наша штета, ние сме сериозен политички субјект и ќе ги заштитиме нашите политички интереси“, велат неофицијално од БЕСА, но не одговараат дали ова би значело и напуштање на владината коалиција. Оваа партија во парламентот има 4 пратеници.

Од ДУИ пак, неофицијалните коментари се дека се сигурно во поддршката на СДСМ на локалните избори во повеќе општини бидејки тие биле клучниот албански партнер во Владата.

Како што велат упатени во разговорите, засега нема изгледи за трилатерален договор меѓу СДСМ, ДУИ и БЕСА за заеднички кандидати или пак, предизборна распределба на кандидатите за не неколку општини меѓу ДУИ и БЕСА.