Македонија
12. јуни 2020 - 16:44

И денеска пораст на новозаразени со Ковид-19, 164 нови случаи

И денеска висока е бројката на новозаразени со коронавирус. Изминатото деноноќие регистрирани се 164 инфицирани, 12 оздравени, а две жени починаа на 54 и 60-годишна возраст. За 24 часа направени се 1045 теста, а 15,7 проценти од тестираните го имале вирусот.

Најмногу нови случаи има во Скопје 85, Куманово 24, Тетово 18...

Денеска не може да се добие реална слика како е распространет коронавирусот по скопските општини, затоа што службите задолжени за подготовка на податоците новите 85 заболени во главниот град дури утре ќе ги поделат по општини, а истите ги бројат во вкупната денешна бројка на активни случаи во Скопје, притоа ги минусираат оздравените и починатите и од вчера и од денес.

По најавите на министерот за здравство дека Комисијата за заразни болести ќе разгледува дали да се бројат асимптоматските случаи, се поставува прашањето зошто токму овој период кога се погласно се зборува за избори здравствените власти се одлучуваат за ваков чекор имајќи го во предвид фактот дека изминатите 3 месеци сите кои немаа симптоми, односно околу 35 проценти од заразените влегуваа во официјалната бројка на инфицирани затоа што имаа позитивен тест.

Која е целта за одделување на асимптоматските случаи од министерството за здравство не добивме одговор до подготовка на прилогот.

Во меѓувреме матични лекари реагираат дека изминатите денови не можеле да закажат тестирања преку „Мој термин”.

-Во групите преку кои комуницираме ние матичните лекари има реакции дека во Скопје многу тешко може да се добие термин за тестирање, но има најави од “Мој термин” дека ќе бидат пуштени дополнителни термини, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.

Од „Мој термин” велат дека бил зголемен бројот на термини достапни за матичните лекари во однос на претходните недели. Термините ги пуштале на дневно ниво согласно протоколите и капацитетите на лабораториите.

-Во Скопје, претходната недела биле достапни 605 термини, а закажани 553 од нив, а оваа недела имаме 840 термини, а до сега закажани се 822 термини, велат од МЗ.

Инаку со новопримените 16 пациенти изминатото деноноќие на Инфективна во моментот на Клиниката има 93-ца хоспитализирани со Ковид-19 и речиси е исполнет капацитетот. Исто толку 16 нови се примени и во ГОБ „ 8 септември”. Во оваа установа во критична состојба и на респиратор се 10 лица.