Македонија
18. јуни 2019 - 19:07

И Брисел ќе чека одлука од Берлин, Македонија ќе почека до октомври

Конкретен датум за преговори за Македонија нема, советот одлучи да се наврати на ова прашање најдоцна до октомври. Министрите за надворешни работи на седница на Советот  попладнево не се договорија кога да отпочне процесот со Македонија и Албанија но во  заклучоците за земјава  го поздравија договорот од Преспа. Комесарот Хан очекува зелено светло на есен.

Според информациите од Советот, дел од  министрите имале негативен однос кон доделување на датум за Албанија додека позитивни биле да отпочнат преговори со Македонија. Комесарот Хан смета дека советот не  треба да ги одвои двете земји при донесувањето на одлука за датум бидејќи целиот процес е заснован на заслуги. 

Клучно ќе биде гласањето во Бундестагот за што дел од министрите на советот се позитивни бидејќи владата во земјава ги исполнила задачите кои и биле дадени со минатогодишните заклучоци.

Дел од медиумите во Брисел објавија дека за време на состанокот Кипар се заканил со вето на секој договор за проширување доколку Европската Унија  не го заостри својот став против Турција која истражува природен гас во источниот медитеран.