Македонија
28. January 2020 - 11:41

И Аеродром со интервентни мерки против загадувањето

Соодветно со препораките на централната и градската власт, и Општина Аеродром ги активираше дополнителните интервентни мерки против загадувањето.

Општина Аеродром, како што информираат во соопштението, ги запира сите градежни активности на градилишта под своја надлежност, ги задолжува сопствените служби да продолжат интензивно да ги чистат јавните површини, а се намалува до 50 отсто употребата на службените возила.

– Продолжуваат зголемените инспекциски контроли на градилиштата и субјектите што управуваат со отпадни гуми и отпадни масла од страна на општинските инспекциски служби, работниците на отворено ќе работат од 11 до 17 часот, бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста се ослободуваат од работни обврски, а се одложуваат активностите на отворено доколку не се итни, се наведува во соопштението.

Овие мерки, како што информираат од Општина Аеродром, се воведоа веднаш по известувањето од Министерството за животна средина дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот минимум.

Општина Аеродром е посветена на борбата против загадувањето преку целата година. Локалната самоуправа реализира мерки, меѓу кои набавка на прочистувачи за воздух во сите градинки, субвенции за печки на пелети, за чистење оџаци, за велосипеди и за инвертер-клими за индивидуалните домаќинства, набавка на нови 5.500 високостеблести садници и дополнителна механизација за чистење на јавните површини.

-Една од главните ставки предвидени во буџетот за оваа година е токму заштита на животната средина и повеќе мерки за намалување на аерозагадувањето, зашто се обезбедени дополнителни 27,7 милиони денари. Исто така, во програмата за паркови и зеленило се предвидени средства од 70 милиони за изградба на три нови парка во Мичурин, Стар Аеродром и Острово, се додава во соопштението.