Македонија
25. December 2015 - 9:46

Хуманитарно-едукативна акција во Битола „Куќичката и фабриката на Дедо Мраз“

Во Битола почна хуманитарна и едукативна акција „Куќичката и фабриката на Дедо Мраз“ која годинава се реализира под мотото „Децата за децата“.

Во куќичката на Дедо Мраз, децата ќе имаат можност да се запознаат, да разговараат со Дедо Мраз, да ги кажат своите желби, а тој ќе ги поттикне на хуманост и ќе им помогне да разберат како нивното малку за некого е премногу.

Во „Фабриката на Дедо Мраз“ децата ќе имаат можност да присуствуваат на креативни работилници за изработка на играчки, лампиони, новогодишни честитки, ликовни и театарски работилници, работилници за пишување писмо до Дедо Мраз. 

- Куќичката и Фабриката се локации каде може да се донира облека, играчки, нерасиплива храна и средства за хигиена. Оваа година собраните средства ќе бидат наменети за социјално загрозените семејства од Битола кои ќе ги идентификуваме во соработка со Општинската организација на Црвен крст во Битола и со Народната кујна. Во оваа акција се вклучени многу поединци, организации, институции и компании кои го донираат своето време, енаргија и ресурси за успешна реализација на оваа акција, информираат организаторите на акцијата.

„Куќичката на Дедо Мраз“ е лоцирана кај Саат Кулата, а „Фабриката на Дедо Мраз“ е лоцирана на Широк Сокак и ќе бидат отворени до 31 декември.