Македонија
16. February 2017 - 15:57

Хуманитарна помош за опожарено семејство од Куманово

Хуманитарната организација „Крепост“ денеска донираше пакети со храна на седумчленото семејство Хелдовиќ од кумановската населба „Средорек“, чиј дом вчера беше опожарен.

Во пожарот целосно беше оштетена една од двете соби, во кои што живее триесет и двегодишниот Суад со своите шест деца.

Претседателот на организацијата Христијан Георгиевски се надева дека оваа донација ќе ги поттикне и останатите хумани граѓани да донираат и да помогнат на семејствата кои имаат потреба од помош.

- Дониравме пакет производи во храна и други потребни средства и упатуваме  апел до сите хумани граѓани на Куманово и поголеми фирми да им излеземе во пресрет за да го обноват овој дом. Загубата е ненадоместлива некои спомени никогаш не може да ги вратат, но да застанат на свои нозе и да продолжат по патот да излезат овие мали деца да бидат истакнати членови во нашето семесјтво, изјави Георгиевски.

Седумчленото семејство Хелдовиќ, живее од социјална помош и немаат доволно средства за обнова на домот. Хелдовиќ  се заблагодари за донацијата и апелираше до институциите за помош.

Раскажа дека пожарот се случил околу шест часот наутро, а во собата спиел неговиот 15-годишен син. Во пожарот освен материјална штета нема повредени лица.
Хуманитарната организација Крепост обезбеди уште десет пакети за социјално загрозени категории граѓани, кои ќе бидат доделени наредниве денови.