Македонија
8. January 2017 - 12:40

Хуманитарен концерт „Божик-слава“ на хорот „Св.Злата Мегленска“

Хорот „Св. Злата Мегленска“ вечерва во градската православна црква „Пресвета Богородица“ во Скопје го одржа традиционалниот хуманитарен концерт „Божик - слава“.

Покровител на концертот е сопругата на претседателот Иванов, Маја Иванова, а собраните средства ќе им бидат доделени на лицата  од ранливите категории и на децата со посебни потреби.

- На овој голем христијански празник – Божик, кога одново го прославуваме раѓањето на Исус Христос, повикани сме да посведочиме за силата, но и љубовта, праведноста, но и милоста, светоста, но и сочувството на нашиот Бог.  Секој Божик, Исус Христос чука на нашите порти и бара од нас да ги отвориме нашите срца и да му дозволиме да влезе, за да ни донесе простување, оправдување, спокој, мир и љубов, рече Иванова на почетокот на концертот.

Обраќајќи се пред присутните, истакна дека треба да постапуваме со другите луѓе онака како што сакаме другите да постапуваат со нас.

- Треба да сме подготвени да си простиме и несебично да си помагаме. Треба да се почитуваме и да се поддржуваме, бидејќи сме упатени едни на други. Или, како што мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија честопати вели, цитирајќи го Св. Климент Охридски, „во сè што правиме, да се престигнуваме во добрина“, рече Иванова. 

Овој систем на вредности, додаде, треба да биде водилка во животот што ни дава надеж, ни помага да се соочиме и да ги пребродиме и најголемите предизвици, и со тоа ни дава верба во моќта на добрината.
 
Иванова посочи дека славењето на новата година е нов феномен, не постар од 80-тина години.  Според неа, светилките светат, не заради новата година, туку пред сè, заради Божик. - Но, зошто Божиќ? За да разбереме, мора да се вратиме седум века пред првиот Божик, во времето на пророкот Исаија. Во тоа време Исаија напишал: „Народот кој оди во темнина, ќе види голема светлина“. Седум века подоцна, на првиот Божик се роди тоа дете, рече Иванова посакувајќи им на сите присутни  добро здравје, спокој во душата, мир во срцата, хармонија во домот и многу радости во животот. 
 
На концертот присуствуваа Архиепископот Охридски и Македонски, господин господин Стефан, претседателот Ѓорге Иванов, свештеници и голем број верници.
 
Влезот на концертот беше слободен, а донациите се оставаа во специјалните кутии на влезот на црквата.