Македонија
16. December 2019 - 10:11

Хуманитарен базар во Гевгелија

Здружението „Православна жена“ од Гевгелија беше организатор на третиот хуманитарен базар „Свети Никола дарува, свети Никола подарува“ кој се одржа во дворот на црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Гевгелија со цел да се помогне нејзината реконструкција која влезе во завршна фаза.

Пред влезот на црквата беа изложени разни подароци и посни колачи кои гостите можеа да ги купат и со тоа, како што кажа отец Русе Жековски, несебично да го помогнат големото и целосно обновување на црквата, особено фрескоживописот кое е прилично скапо дело како и обновувањето на крстилницата и канцелариите кои ќе добијат поубав изглед.

-Задоволни сме од организацијата и ефектот на хуманитарниот базар чии што посетители дадоа голем придонес акцијата да биде многу успешна. Големиот број посетители од Гевгелија и околината уште еднаш покажаа дека знаат да препознаат каде навистина се твори и гради, рече отец Жековски.

За веселата атмосфера на хуманитарниот базар се погрижија дечињата кои вредно вежбаа и ги пееја песните со кои се подготвуваат за бадниковата поворка која ќе се организира по улиците на Гевгелија.