Фудбал
21. јуни 2018 - 11:13

Хрватска нов предизвик за Меси и „дружината“

Во пресрет на квалификацискиот дуел на Аргентина против Хрватска, вечерва на СП во фудбал, најголемата поддршка за ѕвездата на гаучосите, Лионел Меси доаѓа од неговите најблиски.

Селија Кучитини, мајката на аргентинската фудбалска мега-ѕвезда Лионел Меси даде ретко интервју за аргентинската ТВ мрежа „Канал 13“ пред клучниот меч за „албиселесте“ против Хрватска во четврток.

„Неговиот сон е да го освои Светскот првенство, тоа е можеби неговата најголема желба, додека јас на тоа гледам со многу доверба и со опуштеност“, вели Кучитини.

Таа признава дека не е сеедно со сите критики кои ги добива Меси за својата игра, посебно по 1:1 ремито со Исланд, во кое Меси утна пенал.

„Сите страдаме од критиките како кога ќе речат дека не заслужува да го носи аргентинскиот дрес. А тој плаче за Аргентина. Знам дека нема да ме сфатат сериозно бидејќи сум негова мајка, но тој има огромно срце и би направил сè Аргентина да го освои првенството“, објаснува Кучитини.

И сопругата на Меси, Антонела Рокуцо јавно му даде поддршка на Меси по промашениот пенал против Исланд, постирајќи на Инстаграм: „Секогаш заедно, а сега уште повеќе“.