Бизнис
25. December 2016 - 10:26

Хрватска ќе ја враќа ИНА во своја сопственост

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ синоќа на вонредна прес-конференција соопшти дека Хрватска го загубила процесот на арбитража во случајот ИНА-МОЛ и оти е донесена политичка одлука за враќање на ИНА во сопственост на Хрватска. 

Пленковиќ посочи дека унгарската страна е запозната со таа одлука. 

Хрватската Влада, како што посочи тој, ги разгледувала најдобрите опции за иднината на оваа компанија, како во контекст на стратешките интереси, така и во енергетска смисла. 

- Хрватска ќе покрене процес на откуп на целокупниот удел на унгарски МОЛ во ИНА без зголемување на јавниот долг на Хрватска. Со оваа одлука е запозната и претседателката на Република Хрватска и претседателот на Саборот, рече Пленковиќ. Правниот тим на Хрватска го информирал дека судот во Женева ги отфрлил доказните материјали на Хрватска.

Хрватскиот премиер додаде дека арбитражниот суд во Женева навел дека доказите не се доволни за да се докаже дека купувањето на ИНА била плод на коруптивни активности. Според Пленковиќ, неговата Влада силно се спротиставува на одлуката на арбитражниот суд и ги разгледува сите опции за да ја оспори.

Хрватска покрена постапка за арбитража во 2013 година, а МОЛ како сопственик на 49 отсто од акциите тврди дека Владата не ги исполнила обврските од Главниот договор за плинско работење и неговите додатоци од 2009 година.