Балкан
30. December 2020 - 9:39

Хрватска ја погодија 39 земјотреси во изминатите 49 часа

Хрватска вчера ја погоди силен земјотрес – во 12:19 часот сеизмолозите регистрираа разорен земјотрес со епицентар на пет километри југозападно од Петриња на длабочина од 11,5 километри. Јачината на земјотресот била 6,2 според Рихтер, а интензитетот во епицентарот  VIII-IX степени од скалата ЕМС.

Во периодот од 12:23 до 12:58 часот, се случија најголем број на последователни земјотреси, дури 10 – со магнитуди поголеми од 3 степени според Рихтеровата скала.

После тој земјотрес, следеа многу послаби, и сите земјотреси имаа епицентар близу Петриња и околината.

Најмалку седум лица загинаа. Тоа е бројка што е потврдена и не е исклучено подоцна да бидат откриени повеќе жртви, јавија хрватски медиуми.Најмалку шест лица се тешко повредени, а 20 полесно повредени, соопшти МВР на Хрватска.

Во Петриња според извештаи на хрватскимедиуми, нема објект што не е оштетен од земјхотресот.

Градоначалникот Даринко Думбовиќ утрово изјави да не се доаѓа неорганизирано во Петриња.

– Се надевам дека веќе нема луѓе под урнатините…Не носете градежен материјал сега, ќе ни треба за неколку денови, изјави тој за ХРТ.

Градоначалникот на Глина, Стјепан Костањевиќ, денеска изјави дека утрово се тресе тлото во областа Глина, некои куќи се целосно урнати, а згрижени се оние граѓани кои немале покрив над главата.

-Има многу луѓе кои не сакаа да ги напуштат своите куќи и ја поминаа ноќта во автомобили. Ние се погриживме за оние кои немаат покрив над главата, чии куќи беа урнати. Имаме 35-36 населени места погодени од земјотресот и треба да ги посетиме денеска, рече тој.

Тој посочи дека доаѓаат помош од сите страни, и потребни се шатори.

Сеизмолозите на сеизмолошката служба на Република Хрватска утрово во 6.15 часот, 6.26 часот и 6.29 часот забележаа три силни земјотреси со епицентри недалеку од Петриња.

Интензитетот на земјотресите бил 4,7, 4,8 и 3,9 според Рихтер. Земјотресите утрово беа 38-ти и 39-ти што беа почувствувани во Хрватска во изминатите 49 часа.

Сеизмолошката служба регистрира земјотреси скоро секоја минута, а имаше најмалку 25 до 30 земјотреси посилни од 3 степени по Рихтер.