Балкан
20. December 2016 - 14:08

Хрватска ја испровоцира Словенија со бонбониера

Хрватската Амбасада во Љубљана испрати новогодишен подарок, бонбониера, до неколкумина вработени во словенечкото Министерство за надворешни работи, во кабинетот на премиерот Миро Церар и кабинетот на претседателот Борут Пахор.

- Словенечките политичари таквиот чин го оценија како незамислива провокација, објави љубљанскиот весник „Дневник“.

На кутијата на бонбониерата, чиј производител е хрватската фабрика „Краш“ има натпис „Поздрав од Хрватска“, а на сликата делумно е видлива мапа на Хрватска. Кога ќе се отвори бонбониерата се прикажува целата карта каде границата помеѓу Хрватска и Словенија е нацртана на средина на Пиранскиот Залив.

Бидејќи границата помеѓу двете држави се уште не е утврдена словенечкото Министерство за надворешни работи ја врати бонбониерата во Амбасадата на Хрватска и тоа во кеса со натпис „I feel Slovenia“.