Балкан
18. May 2017 - 12:01

Хрватска: Државниот врв реагираше на забраната за Томпсон во Марибор

Откако градските власти во Марибор го забранија одржувањето на концертот на хрватскиот кантавтор Маркo Перковиќ Томпсон, познат по националистичките песни во кои се глорификуваат усташите, реагираше државниот врв на Хрватска.

Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, како што соопштија од нејзиниот кабинет, разговарала со нејзиниот словенечки колега Борут Пахoр и му го пренела нејзиното мислење дека „музиката постои за да ги соединува луѓето“ и оти „забраните се контрапродуктивни“. 

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ најави дека ќе бара објаснение за причината за забраната на настапот на Томпсон. 

Словенечката полиција вчера им препорачала на градските власти во Марибор да го забранат концертот што е закажан за в сабота на хрватскиот пејач кој изведува претежно националистички песни. 

Оваа препорака е донесена поради „информации за зголемени безбедносни ризици, поради опасноста дека концертот може да биде злоупотребен за извршување на кривични дела“.

Словенечката полиција укажала дека врз основа на информациите за продажбата на картите за концертот преку Интернет во Хрватска и Австрија, има причина да се верува дека на концертот ќе присуствуваат поединци од места каде концертите на овој музичар се забранети. 

Полицијата во Марибор оценува дека на концертот можат да дојдат хрватски радикални приврзаници на Томпсон, со намера да поттикнат и започнат кривични дела. 

Исто така пристигнала инормација дека се планира собир против концеротот, што претставува дополнителен фактор за разик за безбедноста. 

Првото гостување на Томпсон во Словенија требаше да биде в сабота во Марибор, а самата најава за одржувањето на концертот предизвика жестоки реакции.