Балкан
5. јуни 2017 - 11:15

Хрватска: Бандиќ го освои шестиот мандат за градоначалник на Загреб

Милан Бандиќ го освои шестиот мандат за градоначалник на Загреб со освоени 51,79 отсто од гласовите, додека Андро Крстуловиќ Опара (Од Хрватската демократска заедница) е новиот градоначалник на Сплит, покажуваат прелиминарните резултати од локалните избори во Хрватска. 

Бандиќ освои четири отсто повеќе гласови од неговата противкандидатка Анка Мрак-Тариташ (Социјалдемократска партија, Хрватска народна партија, Хрватска селанска партија, Хрватската партија на пензионерите, Напред Хрватска и Прогресивен сојуз), која освои 46,7 проценти од гласовите. 

Во Сплит кандидатот на ХДЗ, Опара, го победи Жељко Керум со околу 1.100 гласови повеќе. 

Војко Оберснел (Социјалдемократска партија, Приморско-горански сојуз, Хрватската партија на пензионерите, Истарски демократски сабор, Лабуристи, Независна демократска српска партија, Хрватска селанска партија) е новиот градоначалник на Риека со освоени 55,59 отсто од гласовите.

На градоначалничката позиција во Осјек останува досегашниот градоначалник Иван Вркиќ со освоени 62,74 отсто од гласовите. 

Во Вараждин победи Иван Цехок. Дарио Хебак е новиот градоначалник на Бјеловар, додека на чело на Велика Горица ќе биде Дражен Баришиќ. 

Градоначалник на Сисак повторно ќе биде Кристина Икиќ Баничек од СДП, Шибеник ќе го води Жељко Буриќ од ХДЗ, а Карловац Дамир Мандиќ од ХДЗ.

Дубровник го презема ХДЗ, чија кандидат Мате Франковиќ, според неофицијалните податоци, освоил 58,45 отсто од гласовите. 

Хрватска по вториот круг на локалните избори доби и тројца нови жупани во Вараждинската жупанија - Радимир Чачиќ, Осиечко-барањската жупанија - Иво Анушиќ  и Сплитско-далматинската жупанија - Блаженко Бобан. 

Право на глас на локалните избори во Хрватска имаа 2.791.000 избирачи.