Свет
20. February 2017 - 15:52

ХРВ: Џихадистите од ИД силувале и мачеле и сунтиски жени во северен Ирак

Џихадистите од Исламска држава силувале и мачеле не само жени од малцинството Јазиди, туку и сунитски жени, пренесуваат француските медиуми, цитирајќи ја организацијата за правата на човекот „Хјуман рајтс воч“.

Организацијата документира случаи на произволни приведувања, на принудни бракови и на сексуални изживувања врз жени кои се обиделе да побегнат од селото Хавиџа, во северен Ирак. Селото се уште е под контрола на џихадистите од ИД.

Една од овие жени е 26-годишната Ханан. Нејзиниот сопруг успеал да избега од селото, но таа била фатена заедно со нејзините деца и со други жени кои се обиделе да избегаат. Терористите и кажале дека бегството на нејзиниот сопруг ја прави еретик и за да го исчисти своето име треба да се омажи за локален командир на џихадистите. Таа одбила и тогаш била претепана со кабел и цел месец била силувана пред очите на нејзините деца.

- Сексуалните престапи врз сунитските жени, кои живееле на териториите под контрола на ИД, добиваат мала гласност. Се надеваме дека меѓународната заедница и локалните власти ќе направат се што можат за на овие жртви да им ја обезбедат неопходната поддршка, изјави Лама Факих, заменик директорка за Блискиот исток во ХРВ.