Македонија
7. September 2020 - 16:44

Хронично болните се враќаат на работа!?

Хронично болните и лицата со малигни заболувања се враќаат на работа. Од работни обврски и понатаму ќе бидат ослободени граѓаните кои ќе приложат извештај од специјалист за влошување на состојбата поради болеста и има ризик по нивното здравје. Ваква предлог одлука донесе Комисијата за заразни болести. Министерот за здравство вели дека за одлуката дискутирале 3 недели . Во Земјава била предолга листата на хронични болести, а за сите компании и организации имало протоколи за заштита на здравјето на работниците.

-Премногу е широка листата во наши услови на хронични болести. Практично и луѓе кои имаат нормални животни активности и не се доведуваат во ризик ако ги почитуваат протоколите на работните места. Исто како кога одат во маркет и кога не се на работа. Ослободени од работа ќе бидат оние хронично болни кои ќе добијат специјалистички извештај за влошување во рамките на хроничната болест и бара акутен третман и е ризик по неговото здравје. Оставаме на стручноста на специјалистите да направат проценка, изјави министерот за здравство д-р Венко Филипче.

Од друга страна Комисијата предлага од работа и натаму да бидат ослободени трудниците за што Филипче тврди дека нема доволно стручни сознанија дали и како вирусот влијае на плодот. До Нова година ослободени од работа ќе бидат и работничките кои се на продолжено породилно поради пандемијата. За родителите на деца до 10 години Комисијата за заразни болести ќе одлучува на следниот состанок.

За забавите на младите во локалите во кои не се почитуваат здравствените протоколи Филипче изјави дека ќе побара од Владиниот кризен штаб поголема ажурност и санкции од надлежните инспекции и МВР за сите кои не ги почитуваат мерките во кафе баровите и рестораните.