Македонија
8. April 2018 - 16:05

Христос Воскресе - Велигден одбележан во сите православни храмови во земјава

Величествен дочек на благодатниот оган во Скопје. Со помош на бугарската православна црква за прв пат светиот оган од Ерусалим официјално допатува до Македонија.

Оганот кој секоја Велика Сабота слегува во кандилото над гробот на Исус Христос во Црквата во Ерусалим, од Софија го донесе владиката Иларион брегалнички.

Претходно 10 години по ред ерусалимскиот оган пристигнуваше преку Грција во Бигорскиот манастир благодарение на личните контакти на архимандритот Партениј. Благодатниот оган синоќа беше пренесен во Соборниот храм и ги осветли сите други храмови низ земјава.

Со црковна литија, светиот оган беше принесен пред верниците кои синоќа ја чекаа радосната вест за Воскресението Христово во Соборниот храм.  Околу полноќ по првите камбани, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан ја објави веста за победата на животот над смртта по што следеше утрената велигденска литургија.

Верниците со голема радост го дочекаа Велигден посакувајќи добро здравје и мир за сите. За празникот во СКопје беа дојдени голем број туристи.                                                                                                       

Воскресна Литургија во соборниот храм  утрово  богослужеше поглаварот г.г Стефан на која присуствуваа претставници на државниот врв.

Честитки со желби за многу здравје, радост и среќа до верниците упати претседателот на државата. „Поскаувам во животот да ги следи многу добрина, убавина и правдина. Празниците се за славење, но и за потсетување за сето она што го поминале нашите предци, за нивното опстојување, за вредностите што ни ги пренеле нам и што ние треба да ги сочуваме за нашите потомци. Овој Велигден не потсетува и на 1000 години од основањето на Охридската архиепископија. Посакуваме нашата црква да биде дел од православната екумена и посакувам како сме сплотени и единствени за време на празниците така да бидеме во текот на годината, да си помагаме меѓусебе и да сме солидарни и тогаш ќе бидеме успешни. Посакувам многу повеќе да си ја сакаме и да си ја почитуваме Република Македонија, стои во пораката што ја упати претседателот Иванов.

Премиерот Заев честиташе синоќа од црквата свети Григориј Палама и Димитриј во Струмица.

И лидерот на ВМРО ДПМНЕ по литургијата на сите верници им го честиташе Велигден .

Во сите православни храмови и утре ќе се служи литургија а поглаварот  ќе богослужи во храмот Рождество на Пресвета Богородица. Утре Втор ден Велигден е неработен за сите граѓани.

МИРЈАНА ДАВИДОВСКА