Македонија
18. January 2019 - 12:52

Храна и минерали за животинскиот свет во НП „Пелистер“

Ренџерската служба на ЈУ Национален парк „Пелистер“-Битола ги интезивира акциите за прихранување на животинскиот свет на планината Баба.

Ниските температури и високата снежна покривка попречуваат лесно да се дојде до храна и затоа помош пружаат екипи на јавната установа кои храната ја поставуваат на повеќе локации.

– На планината Баба има неколку хранилишта кои се наоѓаат во атарот на селата Цапари, Нижо Поле и Маловиште на источната страна, и хранилиштето во атарот на селото Брајчино. На сите хранилишта се остава пченица, пченка, пакети со минерали и бали со сено, истакна Пеце Цветановски, советник во секторот за односи со јавност во ЈУ НП „Пелистер’-Битола.

Во соработка со ЦеПроСАРД, ЈУ НП „Пелистер’-Битола со 10 камери врши деноноќно снимање на неколку локации во националниот парк каде се регистрира движењето на животинскиот свет во планината.

– Од денот на поставувањето на системот за снимање и фотографирање, до денес, регистрирани се разновидни животни, но најчесто срни и еленчиња. Фотографиите со задоволство ги споделуваме на нашата фејсбук страница, посочи Цветановски.