Бизнис
17. December 2017 - 18:49

Хотелиерите и угостителите од Охрид и Струга очекуваат одлична посетеност за празниците

Охридските туристички работници ги привршуваат подготовките за престојните божикни и новогодишни празници, со реални очекувања за подобри остварувања од минатата година. Тоа се должи на зголемениот интерес на туристите од регионот токму на охридско-струшката ривиера да ги минат празниците.

Хотелиерите и угостителите веќе ги имаат формирано своите понуди и цени, кои во голема мера не се разликуваат од оние изминатите години: На понуда се дводневни и тродневни аранжмани за дочекот на Новата 2018 година, како и стандардно богато новогодишно мени со проверена добра забава до раните утрински часови.

Хотелските капацитети се речиси распродадени, со ревервирани над 80 отсто од леглата. Цените на аранжманите се движат меѓу 110 и 150 евра, зависно од категоризацијата на објектот и понудата.

Голем е интересот и за сместување во приватните капацитети. Оние поатрактивните апартмани во централното градско подрачје веќе се резервирани од почетокот на декември по цена од 30 до 50 евра за ноќ со можност за сместување на повеќе лица.

Во познатите охридски ресторани цените со богато свечено новогодишно мени и неограничен пијалок изнесува до 50 евра за новогодишната ноќ. Дел од нив за втората и третата вечер ќе работат на принцип на резервација, со наплата на консумација до 20 евра по лице, пари што ќе можат да се потрошат по избор за храна или пијалок. Некои од угостителите ќе работат според варијантата на отворен влез, со редовни цени на храната и пијалаците.

Добра новогодишна забава најавуваат и сопствениците на охридските кафулиња и ноќни барови, од кои дел за највеселата ноќ ќе работат по принципот на резервации и однапред утврдено мени по цена од 20 до 40 евра, додека останатите ќе работат како и вообичаено, но со збогатена новогодишна понуда.

Крсте Вељаноски, претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија го потврди зголемениот интерес кај туристите од регионот да ги минат новогодишните празници во Охрид и Струга. Тој појасни дека 90 проценти од гостите што ќе дојдат тука се токму туристите од Бугарија, Србија, Црна Гора, Грција и Албанија. Најавени се и домашни славеници, но нивниот број се уште не може да се потврди со оглед на веќе вообичаената практика во последен миг да се носи одлука каде да се минат Новогодишните празници.

Охрид и Струга првите гости ги очекуваат веќе наредниот викенд за католички Божик, за кога се најавени групи туристи од Бугарија и Грција кои организирано со автобуски превоз ќе пристигнат во нашите најпознати туристички центри.