Бизнис
11. August 2015 - 12:36

ХОТАМ: Повеќе сместувачки капацитети и нови содржини за поатрактивен туризам на Охридското Езеро

Поголем број сместувачки капацитети, регистрирани бродови и нови содржини се потребни на брегот на Охридското Езеро за да имаме модерен и поатрактивен туризам каков што посакуваме, смета претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески.

На охридското крајбрежје, според него, има 4.000 смесувачки капацитети, а бројката треба да достигне 10.000. Брегот на Охридското Езеро смета дека е многу малку изграден, односно само 30 отсто од крајбрежјето е искористено.

- Потегот од Свети Наум до Радожда е многу малку изграден. Мора да се направат детални планови и да се знае на која парцела што може да се изгради. На струшко крајбрежје имаме многу неискористен простор. Околу 70 проценти од брегот не е воопшто опфатен. Не зборуваме дали е нешто изградено, туку без никакви планови дури и на изградените места кои се останати од Југославија, деталните планови не се изработени, вели Блажески.

Првиот човек на ХОТАМ смета дека под хитно мора да се изработат детални планови за крајбрежјето, од Радожда до Свети Наум, каде ќе може да инвестираат домашни, но и странски инвеститори.

- Само тогаш ќе имаме едно добро изградено крајбрежје, каде ќе има ресторански и хотелски услуги, трговски центри... и се што треба да биде во опфат на еден модерен туризам, истакна Блажески.

Тој оцени дека транспортот низ Охридското Езеро е на многу ниско ниво и оти нема доволно бродови и пристаништа за поголемо движење на туристите.

- Транспортот во Охридското Езеро е на многу ниско ниво. Имаме неколку големи бродови што возат од Охрид до Свети Наум, што ни е и најчеста дестинација. Целата пловидба на Охридското Езеро може да биде на повисоко ниво и многу поатрактивна да има 50 до 100-тина регистрирани бродови кои ќе бидат достапни за сите гости и пет-шест поголеми пристаништа од Свети Наум до Радожда, односно да биде опфатено целото крајбрежје.