Македонија
24. December 2015 - 14:37

ХОТАМ: Хотелите полни за Нова година, најмногу гости од соседните земји

Охридско-струшкиот регион ќе биде полн со гости за новогодишните празници. Поголемите хотелски капацитети се комплетно исполнети, а мал е и бројот на слободни легла во помалите, информира денеска претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески.

Најголем дел од гостите, според него, се од соседните земји, од Бугарија, Грција, Албанија, Србија и мал дел од Црна Гора.

- Тоа се традиционално гостите кои ја посетуваат оваа дестинација за Нова година. Подготовките се при крај. Мислам дека ќе се направи убава новогодишна атмосфера и Охрид и Струга, но и останатите градови ќе бидат интересни дестинации за дочек на новогодишните празници. На 1 јануари го организираме традиционалниот ручек со лебеди на плажата пред хотел „Дрим“, што сметам дека е дополнителна атракција за туристите, рече Блажески.

Во некои помали хотели, истакна Блажески, се останати мал број легла, за кои се надева дека во текот на неделава ќе бидат потполнети. Покрај странците за празниците очекува и голем број домашни гости.

Најприсутни на ривиерата деновиве, како што нагласи Блажески, се гостите од Грција, кои го слават католичкиот Божиќ и за нив се подготвува свечена вечера.

Дел од стружани пак, новогодишните празници ќе ги поминат во Виена, Милано и Будва.

Според Елизабета Попоска, туристички работник, имало интерес и за Истанбул, Будимпешта и Прага, а годинава прв пат и за Софија.

- Задоволни сме од продажбата за Нова година, а потоа и за зимските аранжмани и за Божиќ. Почетокот беше тежок поради безбедносната состојба, но се добро помина, вели Попоска.

Таа посочи дека оди одлично и продажбата на зимските аранжмани, но последните години и за Божиќ. - Божиќ е семеен празник и претежно луѓето сакаат да се дома, но последните години се отвораат, патуваат во потопли дестинации кон Турција, Кападокија и во зимските туристички центри во Македонија и поголем дел во Банско, изјави Попоска.