Свет
18. November 2019 - 10:15

Хорор во Сао Паоло: Четворица бездомници починаа, уште четири се во критична состојба - се отруле од сомнителен пијалок

Четворица бездомници починале, а уште четворица се хоспитализирани и во критична состојба откако пиеле од шише со „сомнителна течност“.

Таа течност им ја дале, како што соопшти бразилската полиција, неидентификувани лица во Сао Паоло.

Полицијата го испитува овој случај како потенцијално масовно труење кое се случи во квартот познат како „Земја на крекот“, озлогласена поради отвореното конзумирање на дрога, јави синоќа АП.

Еден од преживеаните раскажал во полиција дека им е понудено шише за кое верувале дека содржело алкохол.

Меѓутоа, откако пиеле од него, на четворица бездомници им се слошило и подоцна починале во болница. Останатите четвори се хоспитализирани, но во критична состојба.

Полицијата покрена истрага за лицата кои на бездомниците им го дале шишето со пијалок.