Македонија
15. February 2018 - 11:06

Хорор во Кочани: Ја убил сопругата пред своите деца, а потоа скокнал од семејната куќа

По семејна расправија Б.А (54) од Кочани ноќеска ја убил својата сопруга Л.А. (44) пред своите две деца, а потоа скокајќи од покривот на семејната куќа се самоубил. Тој ја повредил и својата ќерка која се обидувала да и помогне на мајката. Смртта кај двете лица ја констатирале екипи на итната медицинска помош, а увид на местото извршил јавен обвинител од Кочани.

- Ноќеска во 3.10 часот во Полициската станица Кочани се јавилa женa и пријавилa дека во куќа на ул. „9 Мај“ во Кочани таткото ги тепал сопругата и ќерката. Полициски службеници излегле на местото на настанот, при што на покривот од куќата го затекнале Б.А.(54) од Кочани. Непосредно по доаѓањето на полициските службеници, Б.А. скокнал од покривот и починал. Во куќата во неконтактибилна состојба биле затекнати Л.А. (44), сопруга на Б.А., и неговата ќерка И.А.(22). Тие биле пренесени во Општата болница Кочани, каде Л.А. починала, а И.А. се уште се наоѓа во неконтактибилна состојба. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, информира МВР. 

Од Јавното обвинителство на РМ, пак информираат дека Б.А. неколкупати со нож ја ранил својата сопруга, а откако увидел дека жртвата покажува знаци на живот посегнал по чекан и со него и нанел неколку удари во главата со намера да ја усмрти.

Оттаму додаваат дека сведоци на насилството биле децата на брачниот пар, ќерката и синот, кој веднаш побегнало и се засолнило кај соседи. Ќерката, по безуспешен обид да го спречи својот татко во кој и самата претрпела повреди, го пријавила случајот во полиција.

- Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани изврши увид на лице место заедно со екипа на крим техника од Министерството за внатрешни работи. Во насока на утврдување на фактите и расветлување на настанот, издадени се Наредби за прибирање и вештачење на траги од лице место, за анализа на крв и урина од починатите и за вршење на обдукција на телата, соопштуваат од ЈОРМ.​