Бизнис
14. October 2015 - 17:48

Холандски владини програми за поддршка на македонски мали и средни компании

Во присуство на бизнис консултанти и претставници од владини и невладини организации кои соработуваат и го поддржуваат приватниот сектор, денеска во Скопје беа презентирани холандските владини програми за поддршка на македонски мали и средни компании.

Како што соопшти Холандската амбасада во земјава, целта на презентацијата беше промоција и поттикнување на интересот за користење на програмите од страна на македонските мали и средни претпријатија.

Холандските програми нудат бесплатна помош на македонските претпријатија, во вид на трансфер на знаења за унапредување на компаниите од страна на холандски експерти, субвенции за испитувања на пазарот и инвестициските можности, финансиска поддршка на мали и средни бизниси, како и програма за обуки на македонски менаџери во Холандија и размена на искуства со нивни холандски колеги.

На промоцијата беше презентиран и бизнис порталот www.balkanbusiness.nl кој нуди бесплатни деловни информации и бизнис вести од Холандија, Албанија, Македонија и Косово. Порталот вклучува низа функционалности како алатка за спојување компании кои нудат или се заинтересирани за соработка. Користењето на сите функционалности на порталот е бесплатно.

Пред присутните се обрати холандскиот амбасадор Воутер Пломп кој искажа задоволство за покажаниот интерес за програмите на холандската влада и упати поддршка за интензивирање на холандско-македонската бизнис соработка.