Македонија
27. January 2021 - 13:29

Хоџа: Усвоен Националниот план за Ковид-19 вакцинација

 Владата на вчерашната 41 седница го разгледа и усвои Националниот план за Ковид-19 вакцинација во земјата. Вакцинацијата на населението ќе се спроведува во три фази во кои се опфатени различни категории граѓани. Фазите ќе бидат во согласност и во зависност од пристигнување на вакцините и различните приоритетни групи за вакцинација, соопшти денеска на прес-конференција портпаролот на Владата, Муамет Хоџа.

– Три главни групи се приоритетни со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура, додаде Хоџа.

Од останатите точки кои вчера беа разгледани на владината седница, Хоџа информира дека Владата ја донесе и Програмата за економски реформи 2021 – 2023 година, која, како што рече, до крајот на оваа недела ќе биде доставена до Европската комисија.

Портпаролот на Владата соопшти дека е одобрена и Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта за 2021 година на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), која во делот на инвестициите оваа година има буџет повисок од 4.000.000.000 денари во однос на минатата година.

Хоџа нагласи дека Владата одобри вкупно 80 милиони денари за решавање на состојбата со Дојранското и Преспанското Езеро. Одобрени се средства во износ од 40.000.000 денари на Општина Дојран, за решавање на проблемот со состојбата на Дојранското Езеро и 40.000.000 денари на Општина Ресен, за решавање на проблемот со состојбата на Преспанско Езеро.