Свет
1. October 2020 - 15:07

H&M собирал податоци за вработените, казнет со 35,3 милиони евра

Популарниот шведски моден синџир Н&М е казнет во Германија со сума од 35,3 милиони евра поради шпионирање на вработените.

Германски народен правобранител ја донесе оваа одлука бидејќи компанијата „H&M“ собирала податоци за приватниот живот на своите вработени. Според изјавата на хамбуршката Комисија за заштита на податоците и слобода на информирањето, под надзорот биле опфатени неколку стотици вработени кои работат во сервисниот центар во баварскиот град Нирнберг.

Најмалку од 2014 година менаџментот на „H&M“ во Нирнберг собрал „големо количество податоци за приватните животни околности“ на вработените, вклучувајќи ги и здравствените дијагнози, семејните проблеми и религијските убедувања.

Деталите од следењето често биле снимани и дигитално складирани во систем, преку кој биле „достапни на најмалку уште 50 други менаџери во компанијата“, јавува Танјуг.

Од „H&M“ изјавиле дека „инцидентот открил практики на обработување на приватните податоци на вработените кои не биле во согласност со упатставата и инстукциите на компанијата“.

Компанијата, во соопштение им се извинила на вработените и најавила дека ќе ја анализира одлуката на народниот правобранител во Хамбург.