Свет
29. July 2016 - 8:49

Хилари Клинтон ја прифати официјално номинацијата на Демократската партија за претседател на САД

Хилари Клинтон ја прифати официјално номинацијата на Демократската партија за претседателските избори во САД на 8 ноември, со што стана првата жена кандидат за претседателската функција во американската политичка историја.

- Ја прифаќам номинацијата за претседателската функција на САД со смиреност, решителност и безгранична доверба во иднината на Америка, изјави поранешната прва дама и поранешната државна секретарка.

- Ќе бидам претседател на демократите, републиканците и независните, на сите, кои гласаат за мене и за оние, кои нема да гласаат, рече таа во обраќањето пред прифаќањето на номинацијата. 

Клинтон изјави дека се сретнала со многу луѓе, кои ја мотивирале да се бори за промени, вклучувајќи болни деца и луѓе, кои ги преживеале нападите на 11 септември 2001 година.

- Демократите не направија доволно за да им покажат на семејствата кои работат дека ги разбираат низ што поминуваат, нагласи Клинтон и додаде дека се согласува со семејствата и го споделива нивното мислење дека економијата не функционира.

- Американците сакаат да работат и работат упорно, но токму сега голем број луѓе сметаат дека нивниот труд се помалку се цени, рече таа.

- Не му верувам никому кој тврди само јас можам да се справам со тоа, рече Клинтон во врска со изјавата на нејзиниот соперник Доналд Трамп, кој нагласи дека единствено тој може да го поправи системот.

- Зборовите на Трамп треба да бидат предупреудвање за сите нас. Американците не велат „само јас можам“, туку „заедно ќе го сториме тоа“, додаде Клинтон.