Македонија
4. July 2018 - 10:58

„Хелтгрупер“: Бесплатното болничко лекување ќе ги зголеми листите на чекање

Со укинувањето на партиципацијатата за болничките здравствени услуги што го најави Владата ќе се зголемат листите на чекање во државните болници, што ќе ги принуди пациентите да се лекуваат во приватното здравство. Приватните болници ќе профитираат од предложената мерка, сметаат од „Хелтгрупер“, организацијата која ги истражува состојбите во здравството во Југоисточна Европа.
 
Посочуваат дека зголемената побарувачка на услуги ќе отвори нови пазарни можности за приватниот сектор да ги зголеми цените на услугите кои ги нуди, а директниот резултат од укинувањето на партиципацијата ќе се одрази врз џебот на граѓаните во наредните 12 до 24 месеци, 
 
- Партиципацијата е механизам кој има за цел да го ограничи прекумерното (и често не потребно) лекување во болниците. Таа мерка се воведува насекаде во светот и ја користат дури и Германија, Јапонија, САД...Кога ќе се укине партиципацијта, автоматски се очекува да се зголеми побарувањето на здравствените услуги, а тоа ќе се одрази на снабдувањето со здравствени услуги. Новата ситуација ќе ги принуди болниците, од причини што нема да може да одговорат на зголемената побарувачка, да воведат нивни рестриктивни мерки во форма на продолжено време на чекање за лекување, истакнуваат од „Хелтгрупер“.
 
Од организацијата ги повикуваат Владата, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Македонија да ја преиспитаат оваа одлука со цел да се превенираат долгорочни штетни последици по здравствениот систем. Нагласуваат дека се подготвени да изработат дополнителни анализи кои ќе им помогнат на здравствените власти во носењето на конечната одлука.
 
Премиерот Зоран Заев пред два дена изјави дека бесплатното болничко лекување ќе стартува од 1 јануари 2019 година, а буџетот за оваа намена ќе изнесува околу 7,6 милиони евра.
 
- Според досегашните проценки буџетот ќе изнесува околу 7,6 милиони евра. Тоа е партиципацијата која граѓаните ја плаќаат за болничко лекување, односно за останување во болница. Тие пари ќе ги покрие државниот буџет и граѓаните нема да плаќаат за болничко лекување, рече премиерот Заев.
 
Пролетта, како што рече, донесена е одлука за бесплатно болничко лекување за децата на примателите на социјална помош и за нив, а  се надева дека од 1 јануари следната година тоа ќе важи за сите.