Македонија
25. November 2019 - 10:11

Хелсиншки комитет: Насилството врз жените не е приватна работа, тоа е општествена појава која треба да се искорени

 

Секоја трета жена во светот искусила некаква форма на насилство, а според податоците на Обединетите Нации, семејното насилство е убиец број еден на жените.  Наместо жената да биде и да се чуствува безбедна во домот, понекогаш најголемата опасност за неа доаѓа токму оттаму. Во нашата земја, само во првите 9 месеци од 2019 година, пријавени се 709 кривични дела од областа на семејното насилство, од кои, 610 биле жени жртви. Семејното насилство и насилството врз жени несразмерно повеќе ги погодува жените, токму поради тоа што се жени, информираат од Хелсиншкиот комитет на Република Македонија.

Во соопштението по повод Меѓународниот ден на елиминирање на насилството врз жените, од Хелсиншкиот комитет потенцираат дека истражување на ОБСЕ покажува оти „само два отсто од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер, го пријавиле во полиција, како и дека тоа зборува дека бројката на жени кои трпат насилство е многу повисока од официјалните статистики.

– Исто така, загрижувачки е трендот на прифаќање на насилството во земјата. Истражувањето на ОБСЕ открива дека  „три од пет или 60 отсто жени сметаат дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава.“ За да се победат овие поразителни бројки, мора да работат заеднички сите актери во општеството: институциите, граѓанските организации, медиумите како и секој граѓанин. Насилството врз жени не е приватна работа, тоа  е општествена појава која треба да се искорени, се вели во соопштението од Хелсиншки комитет.

Оттаму ја поздравуваат иницијативата за подготовка на нов Закон против насилство врз жени и семејно насилство кој ги следи одредбите на Истанбулската конвенција, а бил изготвен во процес на консултација со граѓанскиот сектор.

– Новиот нацрт – Закон препознава и санкционира и нови форми на насилство врз жени, дефинирани и во Истанбулската конвенција.  Но, потребно е негово побрзо усвојување, за да се започне со обезбедување сеопфатни сервиси до жртвите, велат од Хелсиншкиот комитет.

Насилството врз жените и семејното насилство, потенцираат,  ја ограничува жената да учествува во економскиот и општествениот живот, предизвикува депресија, чуство на немоќ и безизлезност, а и е грубо кршење на нејзините основни човекови права. Оттаму, сите треба да дејствуваме заедно за да се искорени оваа деструктивна појава во нашето општество.