Балкан
6. July 2020 - 16:32

ХДЗ со убедлива победа на изборите во Хрватска

Владејачката ХДЗ однесе убедлива победа на вчерашните парламентарни избори во Хрватска. Хрватската демократска унија на премиерот Андреј Пленковиќ освои 66 од вкупно 151 пратеничко место и се очекува да формира коалициска Влада со помалите десничарски партии. Владиниот портпарол на Твитер веќе објави дека Пленковиќ има поддршка за формирање Влада од националните малцинства кои освоија 8 мандати, и ХНС  и реформистите на Народната партија кои освоија по 1 место во парламентот.

Веднаш зад ХДЗ е опозициската коалиција Рестарт со освоени 41 пратеничко место, а на третото место се најде десничарското Татковинско движење со освоени 16 мандати.

Изборите минаа во сенка на корона кризата во период кога Хрватска бележи секојдневен наплив на ново заразени и целосен пад на економијата.

Токму ова влијаеше на историски најмалата изборна излезност во Хрватска досега, која достигна 46% од вкупниот број гласачи.