Македонија
16. November 2019 - 17:06

Хаварија во Макстил - повредени четворица работници

Еден работник е потешко, а тројца се полесно повредени изутрината при инцидент во погон на скопската фабрика Макстил. Хаваријата ја предизвикал превртен казан полн со стопен челик, кој истекол откако се скинала една од сајлите која го држела.

Работниците претрпеле изгореници од врелиот метал. Најтешко повредениот е задржан на КАРИЛ, но е во стабилна состојба и надвор од животна опасност, додека останатите тројца се пуштени на домашно лекување.

“Од превртувањето на 100-тонскиот казан се ослободило стопеното железо кое веднаш предизвикало пожар и ги повредило четворицата работници кои биле во непосредна близина”

Инцидентот го потврдија и од Макстил, од каде велат дека се испитуваат причините за превртувањето на казанот полн со течен, врел метал. Тврдат дека сајлите, но и целокупната опрема за пренос на стопеното железо биле неодмана тестирани и проверувани.

“Утринава во 6:50 часот во погонот Челичарница на Макстил при редовни производни активности, поради откажување на дел од опремата на една од дигалките, дојдено е до прскање на течен челик надвор од казанот. При тоа се повредени четворица вработени кои се соодветно медицински згрижени. Тројца се полесно повредени и се пуштени дома, додека четвртиот е задржан на дополнителни испитувања и е под лекарски надзор”, соопштуваат од Макстил.

За пожарот кој настанал од врелиот истечен метал веднаш била известена противпожарната бригада, чии припадници успеале за околу час и половина да ја стават ситуацијата под контрола.

Четворицата повредени работници се на возраст од 27 до 48 години и сите доаѓаат од скопско. Кои се причините за денешниот инцидентот во Макстил и дали биле почитувани прописите за заштита при работа треба да утврди Државниот трудов инспекторат, по дополнителните проверки и разговори на терен.