Балкан
23. February 2016 - 8:40

Харадинај: Тачи нема да биде избран за претседател на Косово

Лидерот на Алијансата за иднина на Косово (ААК), Рамуш Харадинај е убеден дека Косово ќе оди на предвремени парламентарни избори на почетокот на март.

Тој, како што јави дописникот на МИА, за тиранската телевизија Топ-чанел изјави дека очекува лидерот на Демократската партија  на Косово и акуелен вице-премиер и шеф на косовската дипломатија, Хашим Тачи, да не биде избран за претседател на Косово и оти како последица на тоа ќе бидат распишани вонредни парламнтарни изори.

- Не верувам дека Тачи ќе биде избран. Не верувам. Не гледам дека тоа е можно. Мислам дека на 7 март автоматски ќе одиме на нови избори, изјави Харадинај, кој во петокот се откажа од својот пратенички мандат.

Харадинај нагласи дека неговото „заминување од Парламентот“ има само една порака - тој да се распушти и да се организираат нови избори.

- Всушност сметам дека овој Парлемент има  да заврши само една работа, а тоа е да се самораспушти, додаде Харадинај.

Иако се откажа од борбата внатре во косовскиот законодавен дом, Харадинај истакна дека ќе продолжи со активностите заедно со другите два опозициски партии Самоопределување и Иницијативата за Косово, најавувајќи дека опозицијата од утре почнува со протести кои треба да кулминираат на 27 февруари.