Балкан
18. October 2018 - 10:05

Харадинај: Србија ја финансираше идејата за промена на граници

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека Србија ја финансирала идејата за промена на границите, која има поддршка во Косово, објави денеска „Коха Диторе“.

Во говор пред студенти во Тирана, Харадинај рече дека Србија е спонзор на идејата за промена на границите.

– Зошто треба да се наметне таква дебата откако Србија вложила, дала пари, создала пријатели и лобирала за таа идеја да се прошири и до нас. Зошто треба да се соочиме со теоријата за поделба. И јас немав доволно дискусии со мојот народ за да им покажам каде е вистината, рече Харадинај во Тирана.

Весникот објави дека идејата за промена на границите има поддршка од косовскиот претседател Хашим Тачи.

Харадинај вели дека претседателот на Косово има право да ја води надворешната политика на земјата, но да не разговара со никого за територијата и границите.

– Тоа право му припаѓа само на косовското Собрание, рече Харадинај.

МИА