Балкан
15. November 2018 - 14:23

Харадинај: Имаме интерес Србија да нѐ признае, но без да се допре во она што сме го постигнале

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави денеска дека Косово има интерес да биде признаено од Србија, но нема да дозволи да се навлегува во она што досега го има постигнато, јави дописникот на МИА од Приштина.

Говорејќи пред студентите на Филозофскиот факултет на приштинскиот Универзитет, Харадинај рече дека дијалогот со Србија секако треба да продолжи.

– Имаме интерес за признавање од Србија и треба да преговараме, но без да се допре тоа што досега сме го создале. Доколку се случи спротивното, тогаш се загрозува државата. Ако не знаеме да го зачуваме тоа што сме го создале, не ќе можеме да чуваме ниту нешто ново што ќе создадеме, изјави Харадинај.

Тој рече дека Владата која ја води не е совршена, дека има забелешки и грешки, но сепак има и резултати.

– Сме се нафатиле со сите теми на Косово од секаква природа. Така, стасавме и до кардинални теми, како што се законите за војската, а и самите го видовте американскиот претставник кој вчера во Советот за безбедност рече дека САД го поддржуваат формирањето на војска на Косово, рече Харадинај.

Косовскиот премиер истакна дека Владата има наследено бројни теми, кои претставуваат пречка за постигнување подобри резултати.

– Сепак, не е дека сме направиле нешто лошо. Ова е Влада која не се плаши од темите. Сега го имаме Интерпол, што се доживува емотивно, но е можност за Косово да се бори против криминалот. Ја имаме визната либерализација и работиме многу на таа тема. Кај образованието не сме постигнале доволно, а причината е во тоа што на маса најдов теми кои се стари и по една деценија, посочи Харадинај.