Македонија
15. May 2020 - 14:39

Хаос во подрачните единици за издавање пасоши

Нервози и гужви во обид да се стигне до лични документи. Пред пасошкото кај БЕКО изутрината затекнавме редица на луѓе, кои чекаа да се фотографираат или пак да ги подигнат нивните готови пасоши или лични карти.

Трпеливи, но револтирани - поголемиот дел од нив реагираа дека закажаните термини не се почитуваат, што предизвикува хаос пред шалтерите на МВР.

Нелогично закажување на термини за време на полициски час, неработење на сите расположливи кабини за фотографирање, непочитување на мерките за физичка дистанца, се дел од поплаките на граѓаните.

Од МВР денеска потсетија на владината уредба со која возачките дозволи и пасошите на граѓаните чиј рок е истечен во време на вонредната состојба, ќе важат до 31 јули.

Во меѓувреме, најмалку 20 земји од Европа веќе имаат конкретни планови за олеснување на патувањата и отворање на границите. Поголемиот дел од нив се решени да го оживеат туризмот, комплетно згаснат од двомесечната целосна забрана за патувања.

Планот на Европската комисија предвидува неколку фази, од кои прва е симнување на рестрикциите меѓу земјите кои имаат слична стапка на заразени со корона. Строгата хигиена и безбедносните мерки се основни насоки, врз кои земјите ќе одлучуваат дали да ги отворат границите.

Балтичкото трио – Литванија, Естонија и Латвија веќе се одлучија за ваков чекор. Нивните граѓани од денеска ќе можат слободно да патуваат во рамките на нивните граници. Австрија и Германија ова ќе го дозволат од средината на јуни, а кревање на рампите од следниот месец најавија и поголемиот дел од европските земји.

Потврда дека од јуни се очекува целосно олеснување на патувањата доаѓа и од авиокомпаниите. Германска Луфтханза објави дека од наредниот месец ги обновува летовите на над 130 дестинации кои беа суспендирани поради пандемијата.